Продолжуваме со серијалот рецепти со карфиол! Не дека од што многу го сакам, туку од што морам да го јадам, бидејќи е намирница со низок гликемијски индекс и има таканаречени „негативни калории„.

Оваа пица се прави многу лесно. Едноставна, мошне заситна и со привремено чувство дека божем јадете пица. Секако дека „тестото„ од карфиол, не може да се спореди со класичното тесто за пица кое се прави од брашно, но е сосема солидна замена, ако баш не можете да и‘ кажете не, на брзата храна.

Ако користите замрзнат карфиол, прво морате да го оставите целосно да се одмрзне и да го исцедите вишокот на вода. Ако користите свеж карфиол, разделете го на цветчиња и измијте го под млаз вода и исцедете го.

На ренде или во сецко, ставете ги цветовите карфиол и иситнете ги, до зрнеста структура. Ренданиот/сецканиот карфиол ставете го во сад и додадете му 1/2 лажичка сол. Оставете го 30 минути, додека солта не ја извлече водата од карфиолот.

После 1/2 час, ставете го карфиолот во кујнска крпа и почнете да ја цедите водата. Цедете добро, за да остане што помалку вода во карфиолот. Штом вишокот вода е исцеден, вратете го карфиолот во сад и додадете ги зачините. Нема потреба да солите, бидејќи, карфиолот веќе има сол. Додадете ги јајцата и 1 лажичка маслиново масло.

На дното на тркалезна тепсија, ставете хартија за печење. Врз хартијата ставете ја смесата од карфиолот и со шпатула рамномерно формирајте „тесто„. Печете во претходно загреана рерна на 250 Ц, додека краевите не почнат да добиваат златно кафена боја.

Додека се пече „тестото„, подгответе го филот. Кашкавалот изрендајте го на крупната страна на рендето, а чадените гради, исецкајте ги на поситни коцки. Бидејќи дома имав два домата кои се влечкаа во фрижидер со денови, од нив направив сос за пицата.

Штом „тестото„ е печено, извадете го од рерна и премачкајте го со сосот од домати, ставете малку зачин за пица, наренданиот кашкавал и на крај, коцките чадени мисиркини гради.

Се разбира, филот може да биде и друг, по желба, меѓутоа јас се држам до правилото да се користат намирници со помалку калории.

Штом сте ја нафилувале пицата, вратете ја во рерна, во која е уклучен само горниот греач и печете додека кашкавалот не се растопи. Печена, оставете ја на решетка неколку минути да се излади, а потоа, уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови