Пица мафините беа подготвени сосема набрзина за ненајавено друштво и се извинувам што немам дополнителни фотографии, но времето беше кратко и одвај успеав да ги сликам и откако беа готови.

1. Во длабок сад се ставаат сувите состојки за тестото (брашно, квасец, сол и шеќер) и се мешаат.

2. Потоа се додава по малку вода и масло и се замесува тесто кое се остава 15-тина минути да одмори.

3. Во меѓувреме куленот и маслинките ситно се сецкаат и се мешаат со доматното пире и ориганото.

4. Калапите за мафини се премачкуваат со масло.

5. Од тестото се формираат топчиња кои се притискаат со рака и малку се засукуваат со сукало, а потоа се ставаат во калапите за мафини и убаво се распоредуваат.

6. Калапчињата се полнат со претходно подготвеното полнење со доматно пире и врз нив се ренда кашкавал.

7. Калапчињата за мафини се ставаат на плех и се печат 5-6 минути во претходно загреана рерна на 320 степени.

8. Откако ќе се испечат се наросуваат со ситно сецкани маслинки и свеж босилек.

* Јас имам силиконски калапи за мафини и се 6 со стандардна големина, а 6 се помали. Така што од оваа количина на состојки добив вкупно 12 пица мафини со различна големина.

* Мафините ги печев во фурна на дрва на 320 степени, па доколку ги печете во електричен шпорет на помала температура ќе им треба повеќе време, веројатно 11-13 минути или додека не заруменат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани