Одамна се подготвувам да ја направам оваа пита со фил од млади тиквички и еве конечно дојде и тој момент. Воодушевена сум од вкусот и после питата со кисела зелка, оваа пита ми е сега една од омилените.

Јас ја подготвив со тегнети кори, вие можете и со готови, за да ви е полесно.
Доколку сакате да ја направите со тегнети домашни кори, на овој линк ви е детално објаснета подготовката, да не се повторувам секој пат кога станува збор за тегнење кори на пита.

-Тиквичките се лупат и се рендаат и се оставаат да одстојат 1 час во цедалка, за да се исцедат од вишокот вода. Најдобро е да ставите 1 лажичка сол за да се исцедат подобро и побрзо.
- 1 главица кромид се сецка на не многу ситни парчиња и се пропржува, за поубав вкус.
- Исцедените тиквички се мешаат со кромидот и се додава црн бибер по вкус.
- 2 јајца и 3 лажици павлака додаваме во смесата и сето тоа се меша.

*Овој фил се подготвува непосредо пред правење на питата, за да не пуштат многу вода тиквичките додека се тегнат корите.

На растегнатата кора или на готовите кори за пита се пропрскува малце масло и низ неа се става од филот. Филот распределете го во зависност од тоа колку кори имате.
*Пример, ако имате готови кори 15, поделете ги на 5 групи по 3. Низ трите кори се пропрскува масло, а на последната се става 1/5 фил и се замотува.

Питата се пече на 200 степени, околу 20-25 мин, односно додека да заруменат коричките.

Се послужува во комбинација со јогурт, матеница или со павлака.

Се надевам дека и на вас ќе ви се допадне оваа комбинација за фил!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови