Ова е брза пита-галета за уживање во летните вечери.
Прво замесуваме тесто со состојките. Јас направив едноставно тесто, бело брашно во кое се додава надигнат квасец (во млака вода со пола лажичка шеќер и пола кесичка сув квасец), малку сол и малку масло.
Се остава да отстои околу половина час да нарасне. Потоа се развлекува тенка кора и во зависност од тавчето во кое ќе се пече си правите кружна форма.
На неа наредив рендано бело чоколадо и кајсии пресечени на пола.
Потоа краевите ги виткам и така пола затворена, а во средината на крај малку ставив шеќер во прав. Кората ја премачкав со жолчка од јајце.
Се пече во тавчето Делициа околу 15 мин на 180 степени.
И воала!
П.С Моите кајсии не беа баш зрели и галетата имаше киселкаст вкус. Затоа користете меки зрели кајсии, или може повеќе чоколадо. Ми фалеше доза блажина. :)
Јас морам да признаам не знаев што е галета. Случајно гледајќи рецепти на нет со кајсии, видов галета пита. Галета се мисли на кора пита која е превиткана од страните, а во средината има фил, може и блага и солена.
Јас секако следниот пат ќе правам солена варијанта.
Бон апети!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани