Пилешка крем чорба, подготвена по принципи на хроно. Бидејќи не се меша месо и јаглехидрат (скроб - компир, брашно) затоа оваа крем чорба се подготвува со карфиол и брокула.

Батакот и карабатакот ги вариме додека месото да омекне. Јас ставив и 1 ловоров лист за поубав вкус, а може и лукче на половина. Кога ќе биде при крај варењето на месото, се ставаат цветовите карфиол да се обарат- не да се сварат. Потребно им е околу 15тина мин. На брокулите им треба помалце, околу 5 мин. Месото се вади на страна малце да се олади, а потоа го двоиме од коската и сецкаме на ситно. Брокулата и карфиолот ги ставаме во блендер и пасираме додека да добиеме мазна смеса. Во меѓувреме еден кромид се ренда и се става да се пропржи, додека да зарумени. Се додава во чорбата и се вари. Се додава и месото и кашата од карфиол и брокула. Сето тоа се меша убаво, да не останат грутчиња. Зачинуваме сол, црн бибер, куркума и оригано или по ваш избор. Се проварува кратко време, додека да се згусне и на крај се става сецкан магдонос и може сецкани листови целер.

Оваа вкусна и топла крем чорбичка е одлична за овој период, за загревање на организмот и против насинки.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови