Овој рецепт го има во мал милион варијации, но јас ќе ви го претставам во наједноставната форма. Во времето кога под поимот брз десерт со тоа што имаш дома се подразбираше овој едноставен рецепт, направен од нашите баби и мајки во рерната од шпоретот на дрва, па викендот мирисаше некако свечено, а во воздухот се чувствуваше неопислива радост.

На јаболката им го отстрануваме само делот со семките, значи не се длаби ништо од месото. Потоа од четири страни им дупнуваме по еден отвор. Јас користам стапче за ражничиња. Ги полниме наизменично со цели јатки од ореви и шеќер и притискаме убаво. На крај ги наросуваме со малку цимет и ги ставаме да се испечат на температура од 180-200 степени. Готови се кога ќе омекнат и ќе испуштат богат сок во тавчето.

Вкусот не е ниту пребогат, поради малиот број на додатоци, ниту е преблаг. Се се задржува со една едноставна форма, со акцент на природнитот вкус на јаболката, па верувам дека за љубителите на јаболка ова ќе биде прав деликатес.

На здравје и прекрасни мириси да се шират и во вашите кујни оваа зима.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор-Сподели под исти услови