Еве еден прекрасен прилог од компири кој може да биде и оброк, лесен за подготовка, многу вкусен и верувам нема кој не ќе го бендиса, посебно децата. Само малку време ќе одземе сечкањето на тенки парчиња и секако тука треба внимателно да се работи со ножот.

1. Измиените и излупени компири со соодветен нож се сечкаат на тенки парчиња дебели околу 2 мм. Парчињата не се раздвојуваат, компирот треба да ја задржи својата форма. Се ставаат во намрсена тава (јас ја користев малата ростер тава која доволно е да се намрси со неколку капки масло, а компирите нема да се залепат за дното).
2. Исчистените моркови многу тенко се сечкаат на косо, за да се добијат поголеми парчиња кои се ставаат произволно помеѓу листовите компири.
3. Маргаринот се топи заедно со маслото, и со силиконско четче се премачкуваат наредените компири. Врз нив се наросува мешаниот сув зачин, а потоа и ѕаѕики миксот кој им дава посебен мирис и вкус.
4. Компирите се печат 1 час во загреана рерна на 200 степени, и по потреба се допекуваат уште 15-тина минути на 180 степени, да поруменат.
Се служат топли и им се става сечкани маслинки, млад кромид и магдонос.

Вака подготвени компирите се доста крцкави и сочни, а може по вкус да се додаде сланина сечкана на коцки или пак рендан кашкавал. На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани