Пастрмајлија, ама без пастрма....само свинско месо, сало и јајца..... ))) хаха
Искрено и во нашиве локални ресторани пастрмајлиите се без пастрма, а се збогатени со печурки и кашкавал. Затоа секој по вкус си ја прави и јади.))))

Брашното се просејува во длабок сад.
Се прави вдлабнатинка и се става квасецот со шеќерот и малку топла вода да се активира.
Потоа се додава маслото, солта, содата бикарбона и се замесува со топла вода што помеко тесто.
Нежно се премачкува со масленце и се остава на топло да го дуплира волуменот.

Потоа се дели на 4 дела и се прават топчиња, кои повторно се оставаат да надојдат, премачкани со масленце.

На набрашнета подлога со набрашнети раце од секое топче се обликова пастрмајлијата.Се става во набрашнет плех.По две во еден плех.

Се реди од претходно маринираното месо.

Со по малку сало, се премачкува венецот и се распоредува над месото по малку. Отприлика по 1, не многу полна лажица.

Се оставаат да надојдат 20-на минути и се ставаат да се печат во загреана рерна.

По 10-на минутки, откако ќе почни да поруменува венецот се крши 1 јајце и се развлекува низ целата површина на пастрмајлијата.Се продолжува со печење додека тестото убаво порумени, а јајцето се испече.

После печење венецот се премачкува со по малку сало.

Се “задушуваат“ за да омекнат, па се послужуваат.

Месото е најдобро да се подготви од претходниот ден, да отстои барем преку ноќ.
Се сечат коцки, полеваат со малку масло, се посолува и побиберува. Убаво се меша и се става во фрижидер.

Ете вака јас ја правам пастрмајлијата.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани