Лека полека, рецепт по рецепт се нижеа и еве ме мене на 4 -от јубилеј :)
Бескрајно сум благодарна на сите за поддршката која ја имам тука на овој прекрасен сајт - тимот на МоиРецепти, членки-готвачки и вам драги читатели на моите рецепти!
Некако како што е редот, за ваков повод, ќе ве послужам со оваа вкусотија -)
Од срце за срце! :)

Најпрво се подготвува чоколадниот фил.
Се загрева слатката павлака до точка на вриење, но не дозволуваме да проврие. Ја тргаме од оган и го полеваме искршеното чоколадо.Мешано додека се растопи убаво чоколадото и се добие еднолична смеса. Оставаме да се лади на собна температура околу 30 мин., а потоа во фрижидер, најмалку 3 часа. После тоа време ја матиме смесата со миксер на најсилна брзина до потребната густина. За убаво да се измати, т.е. згусти треба убаво да е изладена. По потреба ја враќаме уште малку во фрижидер. Имам читано дека идеално време е 5 часа. Ама, јас еве со 3 часа убаво ја изматив.

За кората најпрво се мелат ситно оревите, се сецкаат ситно смоквите, а сувото грозје се потопува во врела вода, па откако ќе омекни убаво се цеди и бриши.
Сите овие додатоци се додаваат во брашното и пецивото и се убаво се меша.
Белките пенасто ги матиме со прстофат сол, па на два-три пати се додава шеќерот и ванилата.Кога ќе се добие густ снег, се додава маслото, се мати на помала брзина, па се додава брашното со додатоците.

Се излева во плех 32 на 39 цм. и се печи 20 мин. на 200 степени во претходно загреана рерна (5 мин. на 200).

Малку да излади па се попрскува со млекото. Кога убаво ќе излади се сечи на три ленти.

Го подготвуваме и жолтиот фил.
Во изматените жолчки, го додаваме брашното и дел од млекото-околу 100мл. и убаво миксираме за да се добие еднолична течна маса.
Остатокот од млекото го ставаме на оган да зоврие со шеќерот и ванилата, па ја додаваме смесата и на умерен оган, со постојано мешње го вариме кремот до потребната густина. Оставаме да се лади, со повремени мешања.
Путерот го матиме со лимоновиот сок.Матејќи поврзуваме со изладениот крем од жолчки.

Финална постапка
кора-жолт фил-чоколаден фил
кора-жолт фил-чоколаден фил
кора- чоколаден фил

Значи жолтиот фил го делиме на два дела, а чоколадниот фил на три дела.Со него целосно ја премачкуваме тортата.

За глазурата над пареа го топиме чоколадото со маслото и млекото, убаво да се соедини...Оставаме малку да излади и украсуваме по желба.

И за крај, уживајте! -)))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани