Има две важни работи за оваа мусака да биде убава, повеќе зејтин и сочни домати. Во последно време користам маст и многу сум задоволна, испадна дека е најздрава. 
За оваа мусака се вели дека бара многу работа, зашто порано, нашите баби ги пржеле патлиџаните, па ги ределе, но денес, постепено се напушта тој дел. Старинскиот начин си е најубав, највкусен, ама ајде малку поздраво да се храниме.
За да биде убава, ви треба длабоко тенџере за печење, јас ја правам во земјана тава, но и во кокот, моето омилено тенџере.

Постапка

1. Најпрво исечете ги модрите патлиџани на тркалца, посолете ги и оставете ги да ја пуштат лутата вода. Мерките се од око и зависат од големината на патлиџаните.
2. Исечете ги доматите на кругчиња, а кромидот, пиперката, морковот и лукот на мали парчиња.
3. Испржете го кромидот, додадете ги пиперката и морковот, нека се пржат убаво, при крај, додадете го лукчето и месото. Ако сакате, месото испржете го посебно, јас така правам, кога е позацрвено, поубаво ми е.
4. Додадете црвен пипер, другите зачини, магданос.
5. Сега измијте ги патлиџаните, исушете ги со салфетка и повторно насолете ги.
Почнете да редите во тавата, како за мусака, прво патлиџани, па одозгора месо, па домати. Повторно по истиот редослед, уште еднаш, па уште еднаш ако имате мастраф. Мусаката треба да заврши со домати. Колку повисока, толку полична.
Ставете маст или зејтин одозгора, исто така врела вода, но внимавајте да не е многу водата и ставете ја на печење, околу 1,30 мин.

Патлиџаните овде ми пуштаат многу вода, затоа ставам малку.
Мусаката не се сече веднаш, треба време да се стегне, ако сакате убави парчиња. Можете да ги излупите патлиџаните, но јас сакам баш вака…
Секогаш велам, ќе направам и со пржени патлиџани, онака, за мерак, за навраќање во детството, но време не сум нашла…

Бон апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани