Има многу рецепти за мусака на сајтов, но повеќе сакав да се испофалам со новата тава на Делимано, па затоа и го споделувам рецептов. Еднаш експериментално, да не речам на грешка направив ваква мусака оти не ми стигаа компири, па компензирав со тиквиња и од тогаш често вака ја комбинирам мусаката.

Компирите излупете ги и исечкајте ги на тенки кругови. Јас користам сецко за зелка и тоа оди многу брзо и сите компири се со иста дебелина. Истото направете го и со тиквињата.

Кромидот исечкајте го ситно и запржете го на малку масло, додадете го меленото месо и испржете го убаво. На крајот додадете зачини како вегета (ставам малку повеќе од половина лажица), црн бибер, оригано, магдонос, лук во прав...можи да ставите и половина лажица црвена пипер, јас не ставам оти ја сакам мусаката бела.
Загрејте ја рерната на 250 степени.

Во тава 24 - 26 цм, наредете еден ред со компири, посолете, наредете одозгора тиквиња, пак посолете (можи и малку лукче да ставите врз тиквињата), додадете го меленото месо и завршете пак со компирите.

Одозгора турете масло и попрскајте сосема малку пак зачини по желба.
Додадете сосема малку вода, немојте многу оти самите тиквиња ќе пуштат вода.

Ставете да се печи околу 40тина минути на 220 степени додека горните компири не почнат да добиваат вода. Извадете ја мусаката и прелејте ја со изматените јајца и јогурт и вратете ја да се допече уште 15тина минути.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови