Овие меки и превкусни колачиња, се во прекрасен мирис и вкус, кој потсетува на Божиќ. Всушност, заради комбинацијата на зачини, наликуваат на спекулас бисквити, но се меки и ровки, заради меласата.
Меласа е спореден производ кој се добива при рефинирање на шеќерната трска. Од шеќерната трска се прави пире, а потоа се вари за да се создаде шеќерен сируп. При третото вриење на овој сируп, се добива темна слатка течност - меласа. Таа има најниска содржина на шеќер од шеќерната трска како производ. Може да се најде во продавници за здрава храна.

1. Во длабок сад за матење, ставете го путерот, омекнат на собна температура, заедно со шеќерот и матете додека да се врзат состојките.
2. Потоа додадете го јајцето, меласата, аромата винила и повторно матете, да се соединат состојките.
*Наместо меласа, може да користите малтекс или мед, нема да погрешите.
3. Во друг сад измерете ги сувите состојки, измешајте ги и со постојано матење и пополека додадете го кон првата смеса. Ќе добиете едно густо и убаво миризливо тесто. Оставете го во фрижидер на половина час, да се олади.
4. Потоа обликувајте мали бомбици, со големина на орев и валкајте ги во демерара. Оставете меѓу нив доволно простор, бидејќи ќе се рашират при печење и ќе станат сплоснати бисквити.
5. Се редат во тава за печење и се печат на 190 степени, околу 6-7 мин.
Печењето зависи од рерната! Во првите 2-3 мин ќе забележите како околу бомбиците се формира мал обрач и ќе почнат да се топат и полека сплеснуваат надоле. Готови се кога ќе се стопат и на средина ќе нема испакнатинка.
Не ги допирајте веднаш по печењето! Многу се меки, оставете ги да се изладат барем 5 мин и тогаш веќе ќе имаат коричка околу нив и ќе можат да се извадат од тавата за печење.

Овие вкусни бисквитики ги препорачувам за овие студени денови, кои одлично се вклопуваат со чајче или млеко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови