Овој рецепт јас го видов на една од македонските сајтови за готвење. Но, бидејќи, првиот пат кога го направив ги следев мерките на рецептот, некако крекерите, бидејќе имаше повеќе гриз, ми беа меки. Затоа, наредниот пат, изменив некои работи од оригиналниот рецепт и добив совршени крцкави крекери, погодни за секаков пијалок и секаква прилика.
Најпрво се сечкаат на многу ситни парченца, сувите домати и маслинките.
Зачините се мешаат заедно со гризот. Во сад, се истура водата, малку сол, сувиот квасец, смесата со гризот, маслинките, доматите и започнува да се меси со брашно. Постепено се става од брашното, се додека не добиете тесто кое не се лепи на рацете.
Не се чека да кисне, туку веднаш тестото се дели на помали топчиња. Можете да го расукате и во кора, но јас го правам секој крекер, посебно. Топчињата се со големина на сварена жолчка од јајце, значи нешто помали од големина на орев. Нежно, со сукало, го развлекувате секое топче, да добиете кружна форма. Ги ставате крекерите на плех обложен со хартија, едно до друго.
На страна, на мало тавче и на тивок оган, растопете го путерот и во него додајте го сецканото лукче. Потоа, со готвараска четка, премачкајте го секој крекер, па врз тоа наросете сол и малку сусам. На неколку места со чачкалица, направете дупчиња низ крекерите. Се печат на загреана рерна, на 190 степени, се додека не заруменат.
Откако ќе се испечат, топли, ставете ги во стаклен или пластичен сад и покријте ги. Нека се изладат така, за да малку омекнат, а потоа спремни се за грицкање!
Од оваа доза, мене ми излегуваат околу 60 - 70тина крекери.
Прекрасни на мирис и на вкус!
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови