Пита од јаболка, но на малку поразличен начин...многу декоративно и ептен вкусно. Крајниот резултат е убави, крцкави, а сепак сочни ружички со јаболко, кои ќе ви ја остават куќата исполнета со оној добро познат мирис на цимет, мед и јаболки. Прекрасно!

Најпрво исечете ги јаболките на половина, издлабете ги семките и исечете ги на многу тенки кришки од 1мм (види дополнителни фотографии). Во тенџерче ставете две лажици лимон и внатре ставете ги јаболките, па одозгора налејте вода колку да ги покрие. Ставете да зоврие. Следете внимателно и тргнете од оган штом јаболките омекнат. Kај мене тоа беше во моментот пред да зоврие водата. Поентата е јаболките да останат цели, да ја задржат формата и бојата, но да бидат омекнати како не би се кршеле кога ќе ги виткате корите.
Извадете ги јаболките од водата и оставете ги некоја минута да се подоладат. За тоа време растопете го путерот и во него додајте кафеав шеќер и цимет и убаво измешајте. Намастете го убаво калапот за мафини и пуштете ја рерната да се загрева.
Земете една кора и напрскајте ја со смесата од путер, шеќер и цимет. Преклопете ја по должина, па уште еднаш напрскајте. Повторно преклопете, намачкајте околу половина до едно лажиче мед. Наредете кришки јаболка по должина на горниот раб од кората така што само малку да ѕиркаат над кората бидејќи во виткањето имаат тенденција да се лизгаат нагоре. Потоа повторно преклопете ја кората така што ќе го преклопите и долниот дел од кришките јаболка, а горе да остане да ѕирка делот со лушпата на јаболкото (види дополнителна фотографија). Потоа почнете да виткате убава цврста ролничка од едната кон другата страна така што на крајот ќе добиете нешто што изгледа како цвет т.е. ружа.
Совет плус:
не ставајте кришка сосема до крајот на кората зашто на тој начин крајчето ќе може убаво да го „здиплите“ надолу и да направите подобра форма. Јас на фотографијата имам ставено до крај, но тоа беше првата (пробна коричка), потоа се усовршив.
Виткајте ролнички и редете ги во тавче за мафини. Кога ќе ги исполните сите калапчиња, одозгора напрскајте ги ружичките со останатиот путер. Јас во путерот додадов и лажичка мед. Многу убаво дојде зашто медот карамелизираше заедно со шеќерот, но беше доста мачно да се извадат од калапите.
Печете во загреана рерна на околу 180-200 степени целзиусови, околу 30 минути т.е. додека не добијат убава карамелизирана коричка и боја.
Вадете ги веднаш додека се топли за да останат убави крцкави.
Не се премногу благи, така што може слободно да ги послужите со прав шеќер. Јас ги послужив само со цимет.

Уште еден совет:
иако може да користите било какви јаболки, најубаво е ако имате да бидат или розе или црвени и поради бојата и поради нивната структура.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови