Животните, поточно здравствените прилики ме натераа да почнам малку повеќе да експериментирам во кујна, создавајќи јадења со мала количина на јаглени хидрати. Еден од тие експерименти се и овие мафини од карфиол и пилешки гради.

Нивната подготовка е мошне брза и едноставна, а истите претставуваат вистинско мало гастро доживување.

Пред подготовката, замрзнатиот карфиол оставете го да се одмрзне, а потоа исечкајте го на поситни парченца. Во тава ставете маслиново масло и пржете го карфиолот, додека не му испари водата. Сега додатете ги пилешките гради исечкани на ситни коцки и повторно пржете додека не испари и водата од месото и содржината во тавата не почне да свети и да се лепи за дното. Оставете да се излади и во изладените карфиол и пилешко, додадете ги изматените јајца и зачините. Јас од зачини користам: сол, бибер, лук влашец и лук во прав, а вие можете да ги зачините со зачини по ваша желба.

Во калап за мафини, ставете хартиени корпички и во секоја корпичка капнете малку масло и со четкичка размачкајте го по корпичката. Потоа во секоја хартиена корпичка ставете по, отприлика 2 преполни супени лажици од смесата.

Печете ги во претходно загреана рерна на 200 Ц, додека не поруменат. Вкусни се и топли и ладни.

Од оваа смеса, ми излегоа 9 мафини. Може да се чуваат во фрижидер, неколку дена, во добро затворен сад.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови