Каков несекојдневен рецепт изнајдов!
Не можев а да не го споделам...
А какво изненадување ми беше вкусот...не можам да ви опишам!
Тие што ќе решат да го направат и да го пробаат ќе пресудат сами, оние другите нека уживаат во изгледот и бојата, хаха.

Само да си кажам однапред, дека иако прв пат го правам, морав веднаш да го изменам оригиналниот рецепт кој имаше неколку нелогичности (по мое убедување), како на пример – вели 750 гр. моркови се варат, пасираат и од нив 400 гр. се користат, а останатото се фрла или искористете го за супа? Хммм?! Зошто, не разбирам?!
Епа поради ова и уште неколку вакви слични искази во оригиналната верзија, повелете во продолжение мојот (малку изменет) рецепт, од кој јас лично сум воодушевена!

Најпрво излупете ги и измијте ги морковите. Од нив одвојте 150-200 грама, изрендајте ги на ситната страна од рендето и оставете ги на страна за подоцна. Останатите најдобро е да ги исецкате заради побрзо варење, па ставете ги во тенџере и налејте вода колку да ги покрие. Варете додека не омекнат доволно за да може да се пасираат (јас не ги преварив бидејќи пасирав со рачен блендер, но ако пасирате со рачна „пасерка“ ќе мора подолго да ги варите за да си олесните.) Пред да ги пасирате (се разбира) исцедете ги од водата. Добиеното пире од пасирани моркови помешајте го со ренданите моркови и со шеќерот и ставете го во тенџере на оган кратко да се вари, колку да се растопи шеќерот, да испари вишокот вода и малку да се омекнат ренданите моркови. Доколку забележите дека има многу вода во пирето (ако ја испуштат морковите откако ќе ги испасирате) може да ја исцедите пред да ги помешате ренданите моркови во него. Кај мене не беше така – вишок вода немаше речиси воопшто.
Додека варите мешајте постојано бидејќи смесата е прилично густа и може лесно да загори. Варењето треба да биде прилично кратко – околу 5-15 минути – проценете сами според густината на смесата. Во последните 2-3 минути од варењето додајте го сокот од лимон и кората и доварете уште некоја минута за да ја добиете посакуваната густина.
Јас додадов и малку екстракт од рум, но следен пат би се обидела со ванила наместо рум, зашто мислам дека уште поубав шмек ќе додаде.
Бојата треба да остане убава портокалова. А што се однесува до блажината, дотерајте ја сами по сопствен вкус. Јас најпрво ставив 1100 гр. шеќер, па додадов од око бидејќи ми се виде многу лимон, за на крај да стасам до 1400 гр. Кога го пробав тукушто сварен ми личеше дека е „отров“ благо, но утредента не беше така – си дојде тамам благо. Теглите ги наполнив додека беше врел мармаладот и ги ставив дополнително да зовријат во тенџере со вода за убаво да се затворат.
Од оваа количина намирници ми излегоа вкупно 4 големи и една мала тегла мармалад.

На изглед дефинитивно, но по мое и нешто во вкусот потсетува на мармалад од кајсии. Во текстурата пак има некоја сличност и со мармалад од дуњи.
Пробајте и нема да зажалите...навистина е лесен за правење, а интересен за јадење!

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови