1. Во филџан (средна големина) го ставаме сувиот квасец, шеќерот и брашното, мешаме и додаваме млака вода но не скроз до горе. Оставаме да стаса.
2. Потоа во вангличе го истураме стасаниот квас, ги додаваме филџанот млака вода и маслото, шеќерот и солта, мешаме со жица.
3. Го додаваме брашното постепено, замесуваме средно меко тесто со додавање ако е потребно и малку повеќе брашно.
4. Тестото го делиме на 2 дела. Го земаме првиот дел, рассукуваме кора, ја мачкаме со маргарин, ја вртиме во ролат, а потоа ролатот го вртиме како полжав.
На овој начин тестото ќе биде малку како лиснато, а нема да треба да се мачка со многу маргарин. Истото го повторуваме со другото тесто, оставаме да отстои вака во фрижидер 30 минути.
5. Потоа земаме едно тесто и го рассукуваме на набрашнета подлога во округла кора. Ја ставаме во намрсена тава број 30 оставајќи малку тесто по краевите за правење на витката.
6. Премачкуваме со кечап, наросуваме со оригано, а после го распоредуваме сенфот изматен со масло.
7. Второто тесто го обработуваме на ист начин и кората ја ставаме врз филот од кечап, сенф и оригано, и тоа насобрана. Ја правиме витката, со вилушка боцкаме одозгора, и цела површина ја премачкуваме со масло.
8. Ја пуштаме рерната на 200 степени, за тоа време зелникот малку ќе нарасне. Печиме околу 20 минути и ако е потребно уште десетина минути на 180 додека да зарумени зелникот.

Не мора да се става ист фил, јас вака го направив зелникот за да е посен, ставете си фил по желба.
Напоменав за премачкувањето на корите со маргарин, на овој начин тестото ми е лиснато, а нема големи количини на маргарин.
Шоља/филџан 200 мл.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани