- Во тенџере ставете малку масло, ставете во него да се пропржи малку исецканиот кромид, потоа додадете го исецканиот праз (белиот дел и малку од зелениот). Нека се пропржат заедно. Потоа додадете го изренданиот морков, заедно се пржи или на тивко динста додека омекне морковот. Потоа се додава измиената леќа и нека се динста околу 5 минутки. Се додаваат доматите (значи може рендан домат, сос од домат), пиперката, црениот пипер, биберот, сувиот зеленчук и сол, малку од магдоносот, лукот, се меша, се залива со топла вода зависно колку сакате да биде густа леќата. Поклопете со капак - оставете да се вари на тивко. Тргнете и додадете го останатиот магдонос.
Ние ја сакаме густа леќата и така ја приготвувам со помалку вода, а вие прилагодете според ваш вкус - ако е поретка - одлична чорба е. Лук ставете според ваш вкус. Можете наместо сувиот зеленчук да ставите коцка зеленчуков бујон.
Оваа леќа може да се приготвува и само на вода - без да користите масло. Тогаш постапката е така што ќе го ставите прво кромидот и ќе додадете малку вода, се динста некое време, потоа редоследно како што е погоре напишано повремено подлевајки со вода за да на крај додадете толку колку што сакате и нека се довари. Одличен ручен за време на пости на вода.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани