- Ставете во сад брашното, сувиот квасец, солта и замесете го тестото со 300 мл. млака вода. Може и со лажица да ја измешате добро смесата. Покријте со фолија, оставете да стои и стасува најмалку 8 часа, а најдобро е 12 часа. Значи кога ќе сакате да го имате овој леб тогаш оваа постапка почнете ја од вечер. Тестото е меко, лепливо, така треба да е.
- Откако поминало времето на стасување, на добро побрашнета работна површина истурете го тестото, со рака растргајки го направете квадратна форма и почнете со оформувањето (а истовремено и се меси тестото при самото оформување). Тестото го оформувате така што кога е веќе во првоаголна форма преклопете една третина од левата страна накај десната, потоа од десната страна останатата третина подигнете и ставете врз веќе преклопената лева страна. Потоа преклопете до половина од горната страна, а со долната страна преклопете врз горната страна... (како кога се спрема лиснато тесто) потоа пак со рацете сплескајте го тестото во првоаголна форма и повторете ја постапката, за да на крај го дооформете подигајки од сите страни тестото кон средината. Ќе добиете округла форма.
Ставете го вака приготвеното тесто на добро побрашнета хартија за печење и оставете да стасува околу 2 часа.
- Пред да е веќе стасано тестото, вклучете ја рерната на 250 степени, но истовремено ставете да се загрева и сад кој има капак кој може да се стави во рерна и треба да се загрева.
- Откако ќе утврдите дека поминало одреденото време и оформеното лепче е стасано, само подигнете заедно со хартијата и ставете во загреаниот сад, покријте со капакот, печете 30 мин. под капакот, а потоа откријте го лепчето и без капак печете уште 20 мин.
- Печено извадете, ствете на решетка, покријте го со крпа или чаршавче да се лади.
Не може да се греши приготвувањето на ваквиот леб, ова е рецепт и за почетници кои сакаат да се впуштат во ваква авантура - ќе им успее.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани