Конечно му дојде редот на овој прекрасен рецепт! Одамна се токмам да ви го споделам, но некако не му доаѓаше редот.

Овој рецепт го добив сосема случајно од мојата драга пријателка Марија во една прилика кога сакав да приготвам нешто невообичаено за посебни и многу драги гости. Според кажувањата на оние од кои таа го добила, рецептот потекнува од француската кујна.

Подготовката е прилично едноставна:
Во тенџере ставете да се свари леќата, заедно со кромидот, лукот, морковот и пиперката. Доколку немате мелен ким, ви советувам да ставите зрнца ким уште овде – во врењето за убаво да се омекне. Ставете бибер по вкус, но имајте предвид дека ова јадење трпи повеќе бибер, па ако го сакате биберот ставете слободно малку повеќе, а мој совет е солта да ја ставите на крајот на варењето бидејќи леќата побрзо и поубаво ќе се свари.
Модрите патлиџани исечете ги на подебелки ленти и наредете ги на хартија во плех да се потпечат. Одозгора само напрскајте ги со маслиново масло, малку сол и бибер и оставете ги по можност малку да се запечат т.е. да добијат боја. Јас ја загревам рерната на околу 200 степени со вклучен вентилатор и прилично брзо се готови.
Извадете го зеленчукот кој се вареше заедно со леќата и изблендирајте го. Во тенџере на оган ставете ја леќата, исцедена од водата и додајте ги изблендираните зеленчуци. Доколку мислите дека има потреба додајте малку маслиново масло, потоа додадете салца или доматно пире и проварете сè заедно додека не испари водата – смесата ќе остане делумно течна, но да нема испливано вода над неа.
Бешамелот подгответе го на вообичаениот начин:
растопете парче путер, додајте му го брашното и кратко пропржете го да добие само малку боја, додајте го млекото при тоа константно мешајќи за да не се направат грутки.
Во подлабоко тавче наредете на дното слој од модри патлиџани па одозгора истурете ја смесата со леќата, па повторно наредете слој од модар патлиџан. Оригиналниот рецепт вели прво 20-тина минути да се потпече па да се прелие со бешамел, но јас си го поедноставив и бешамелот веднаш го ставав – два пати го правев и двата пати одлично излезе. Вие одберете си сами.
Печете додека не се потпече бешамелот и да добие малку заруменета боја одозгора. Јас наросив бибер одозгора, а може ако сакате 5 минути пред да биде готово да му изрендате и кашкавал одозгора и да го оставите да се растопи и потпече. Мене ми беше потребно околу 40тина минути за убаво да се потпече.
Оставете да се излади барем 15 минути пред да го служите (впрочем исто како и за секоја лазања) за да може да го исечете на коцки кои убаво ќе се вадат без да се распаднат.

Совет плус:
За наједноставно да го подготвите овој рецепт, ви препорачувам од вечерта да си ги подготвите модрите патлиџани, да ја ставите леќата со зеленчукот да се вари со вода околу 2-3 прста над зеленчукот, варете околу половина час и оставете преку ноќ во прекриениот сад да ја апсорбира целата вода. Следниот ден ви е потребно околу 15 минути за да подготвите сè и веднаш ставате да се пече.
Пробајте и нема да зажалите – и оние кои не се баш обожаватели на леќа кај мене го бендисаа овој рецепт...Верувајте дека вкусот е сосем различен од оној на манџата со леќа.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови