Најубави салчици се оние кои се подготвени со сало, но не секогаш сме во можност да имаме сало за нивна подготовка. Па така, го пронајдов овој рецепт, го пробав и сум многу изненадена, комплетно од целиот рецепт. Лажниве салчици се правени по рецепт на Линда и ги мислам многу долго време за да ги подготвам, бидејќи не е проблем само салото, туку и маста која се користи за нив. Па така кога ми беше достапна, веднаш ги подготвив. Тестото многу убаво се обработува и е мазно.

1. Прво замешајте ги сите состојки за тестото и замесете меко тесто. Замотајте го проѕирна фоофлија и ставете го во фрижидер, половина час да се излади. Ако го ставате во замрзнувач, доволни се 15 мин.
2. Измешајте ги состојките за премазот. Маргаринот треба да биде на собна температура, за поубаво да се врзе со маста и брашното.
3. Изладеното тесто поделете го на два дела и расукајте го тенко, на 2мм дебелина. Потоа премачкајте го со половина од премазот.
4. Тестото преклопете го како за листање, односно 1/3 од тестото префрлете го преку половина, потоа другата третина врз него и ќе добиете долг правоаголник. Правоаголниот преклопете го на 3 пати и ќе добиете коцка, како на сликите. Ставете го тестото во фолија и потоа во фрижидер на 1 час или во замрзнувач на 20 мин.
5. Постапката повторете ја и за другата половина од тестото.
6. Првото изладено тесто се расукува на тенко и се преклопува повторно на 3 пати, па уште на 3, како и предходниот пат. Вратете го назад во фрижидер. Оваа постапка се повторува 3-4 пати, зависно колку сакате да ви е разлистано тестото. Јас ја повторив 4 пати, по 2 теста, тоа се 8 пати. Има доста работа, но верувајте се исплати за крајниот резултат!
7. Последниот пат кога се расукува тестото, не се расукува многу тенко, туку на дебелина од 5 мм. Се сечат коцки и се преклопуваат на половина. Ке добиете правоаголничиња.
-Е сега важниот момент е тука што јас ги оставив празни, сакав да ми бидат неутрални, бидејќи ми требаа како такви за приликата за која ги подготвив. Салчици инаку се полнат со лажичка густ џем, се преклопуваат на половина и на крај кога ќе се испечат се валкаат во шеќер во прав.
8. На хартија за печење се редат салчиците и оставете простор меѓу нив, бидејќи кога се печат нараснуваат и се отвараат како хармоники. Барем мене така ми личат.
9. Се печат на 180 степени, околу 10тина мин, односно да заруменат, да се отворат и да се разлистаат.
10. Оставете ги да се изладат, не брзајте топли да ги јадете.
Иако имаат многу маснотии во нив, сепак се суви и лесни за јадење. Коричките им се многу крцкави и вкусни.

Ако сакате можете да ги направите во солена или брага варијанта, нема да погрешите во никој случај. Ова тесто многу наликува на купечкото и токму вкусот на крај што се добива е таков. Лиснатите салчици се топат во уста и се лесни како памук, а одозгора крцкави.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови