Чизкејк или торта од сирење. Чизкејкот е десерт кој или го сакаш на  прва или ќе бегаш од него. Постојат повеќе варијанти, но мислам дека  најпознат е Њујоркшкиот чизкејк. Искрено, мене не ме бендисува многу многу. Со оглед на фактот дека ги сакам непечените варијанти на овој  вид на десерт, малку си поиграв со неговата основа и во прилог следи  резултатот од моите гастро
играрии.

Мерките се за тркалезен калап за торта со пречник од 18 цм

1. Мелените бисквити ставете ги во еден сад и додадете 2 супени лажици млеко. Измешајте со лажица и оставете ги на страна. Сега путерот  ставете го во сад на рингла и загревајте го на тивок оган додека не се  растопи. Внимавајте, не треба да зоврие, треба само да се растопи.  Оставете го неколку минути да се подолади, па полека додадете го во  мешавината од бисквити и млеко.
Со лажица промешајте, смесата треба да  изгледа како песок.
2. На дното од калапот за торта ставете парче хартија за печење и врз неа истурете ја мешавината за подлогата за тортата. Со лажицата внимателно и рамномерно распоредете ја по дното на калапот. Вака  приготвената подлога ставете ја во фрижидер додека го подготвувате филот.
3. Во пригоден сад ставете ја киселата павлака и додадете го ванила шеќерот и шеќерот во прав. Матете со миксер додека не добиете хомогена смеса. Сега додадете го сокот од половина лимон и матете да се соедини  со филот. Желатинот го подготвувате според упатството на кесичката внимателно го додавате во филот и повторно матете со миксер додека  желатинот не се соедини со филот.
4. Вака приготвениот фил го ставате преку бисквитната подлога и го  оставате најмалку еден час во фрижидер. Филот мора да биде стегнат, за  да може да го издржи додавањето на последниот слој/прелив. Ако  преливот ви е премногу топол, може да се случи да ви се растопи филот  и да добиете торта со дупки, а тоа дефинитивно не сакаме да се случи.  Истото сценарио се случува и кога кремот не ви е доволно стегнат, па  преливот ќе ви пропадне внатре и нема да ги добиете оние убави рамномерни слоеви, карактеристични за овој вид на десерт.
5. Преливот за торта подгответе го според упатството на кесичката и  почекајте да стане млак, па дури потоа внимателно нанесете го на сега,  веќе цврстиот фил.

Прекријте го калапот со прозирна фолија и оставете  го во фрижидер преку ноќ.
Следниот ден извадете ја тортата од калапот и пренесете ја на пригодна подлога или сталак за торта.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови