Секогаш рецептот за сутлијаш е по мојот омилен рецепт, по кој нема утка. Начинот на подготовка ќе го запишам повторно, детално.
Овој пат рецептот го надградив со јајца и не згрешив. Јасно е дека веќе не е сутлијаш, но основата е таа.
Вкусно превкусно, а и похранливо за шеќерпарињава. Тоа беше целта, бидејки постојано барат сутлијаш.

Во тенџере се сипа водата и се става на огин. Кога водата ќе зоврие, огинот се намалува и се додава оризот. Се промешува од време на време за да не се залепи на дното. Кога водата ќе испари и смесата ќе се подзгусне, се додава една чаша млеко и повремено се меша додека пак не згусне. Постапката се повторува се додека не се сипе и третата чаша млеко. По третата чаша млеко, убаво се промешува и се додаваат 8 (до 10) големи лажици шеќер и ванилин шеќер.
Се трга тенџерето од оган, се остава 3-4 мин да се олади со повремено мешање.

Додека сутлијашот се лади малку, можете да одвоите едно лажиче да се олади целосно, за да пробате дали е доволно благо. Доколку не е можете да додадете уште шеќер.

Јајцата убаво се матат. Не мора да се добие пена, доволно е само да се изедначи смесата. Јас матев во мерилица за течност, полесно ми беше за сипање така.
Изматените јајца во многу тенок млаз се сипаат во подоладениот, но не ладен, сутлијаш и убаво се меша да се изедначи. Сутлијашот е топол, речиси врел и јајцата термички ќе се обработат.

Сутлијашот со јајца се сипа во силиконски куглов и се остава да се стегне 4-5 часа.
Се превртува на чинија или сад во кој што ќе сакате да сервирате и се прелева со чоколадо.
Чоколадото се става во сад или ѓезве и се топи на тивко со постојано мешање. Јас го топам чоколадото на 1 од 6 на ринглата.

Се прелева кугловот и се сервира.

Уживајте!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор-Сподели под исти услови