Крокантот од кромид е одличен „зачин“ за секоја салата. Кога имам можност, купувам готов, како и тој од пиперки, ама морав да најдам начин да може да се приготвува и дома. Мислам дека овој начин е приближно добар како и купечкиот. Најмногу ми одговара кога приготвувам зелена салатка, го ставам пред служење и дава одличен спој на вкусовите.
Кромидот исечете го на тенки парчиња, колку потенки толку поголема крцкавост ќе добиете. Разделете ги лентичките, посолете ги, додајте бибер, половина лажиче црвена пипер, 1 лажица млеко и убаво измешајте.
Ставете 2-3 лажици брашно, убаво измешајте и вишокот брашно истурете го.
Пржете го кромидот на не многу јака температура, да добие убава румен боја. Извадете го од маслото и ставете го на хартија да се исцеди вишокот маснотија. Толку, уживајте во вкусот!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови