Откако го открив благиот компир, секогаш настојувам да го користам и сум пробала секакви рецепти со него. Направив и руска салата со него, која има малку поинаков вкус од оригиналната, но беше еднакво вкусна. Предноста на овој компир е што се вари многу брзо, а и истиот се сецка лесно, т.е. не се лепи на ножот како обичниот компир, нешто шо мене многу ме нервира.
Вкусот на печен костен, тиква и компир, воодушевува кај ваквите компири и дава некој посебен вкус, кој мене ме потсетува на есен.
За оваа салата, да објаснам, јас користев благ компир, со портокалова срцевина (бидејќи има различни врсти). Истиот треба да го излупите, да го исецкате на покрупни парчиња, па да го ставите да се вари. За 7-8 минути, компирот е сварен. Единствен недостаток е што брзо потемнува, па затоа додека се вари компирот, подгответе си ги и исецкајте ги останатите состојки, за од кога ќе го изцедите од водата и малку го поизладете, веднаш да го споите компирот со состојките. Јас, состојките ги сецкав на покрупни парчиња.
Соединете се заедно и посолете. Потоа додадете ги претходно измешаниот мајонез, сенфот, маслиновото масло и биберот. Оставете да се спојат вкусовите и послужете ја салатата после три часа.
Од оваа количина мене ми испадна, полна длабока чинија салата.
Совршено оди и како прилог со печено месо.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови