Тортава не е 8мо светско чудо, сигурно сите ја знаете и ја имате пробано. Мене ми беше редовна на мени пред 5-6 години оти син ми беше опседнат со кроасани односно со жетоните во кроасаните и по цели фиоки имав полни со кроасани кои морав да ги трошам некако. И сега пак за него ја направив оваа торта после неговиот дводневен шаховски турнир.

Подготовка

1. Прво се вари еден литар млеко, се дели на половина, во една половина се додава претходно измешаниот ванилин пудинг и шеќер како што е наведено во упатството. Во другата половина чоколадниот пудинг со шеќер и добро се меша до згуснување. На крајот додајте 50 г бело чоколадо во ванилата и 50 г темно чоколадо во чоколадниот пудинг и се меша. Оставете да се изладат добро. Јас директ во замрзнувач ги ставам покриени со најлонска фолија за да не фатат кора.
2. На страна со миксер изматете го путерот со шеќерот во прав се дур не стани пенест. Половина од оваа смеса се става во едниот оладен пудинг, пола во другиот и со миксер се изедначуваат филовите.
3. Потоа почнете со редење на пишкотите кои претходно треба да се потопуваат во млеко. Јас користев срце калап и ми беа потешки за редење. Гледајте да не користите калап туку во правоаголна форма да ги наредите како што ви одговара вам.
4. Ставете го над пишкотите белиот фил.
5. Додадете ги кроасаните исто така претходно макнати во млеко.
6. Врз нив ставете го кафеавиот фил.
7. Завршете со уште еден ред макани пишкоти.
8. Ако користите калап како мене, прво оладете ја убаво тортата и да стегни, после вадете го калапот.
9. Декорирајте со шлаг и по желба.
Јас украсив со 1 шлаг, па наредив стапчиња со крем полнење околу, а одозгора едно паковање чоко стоби флипс кафени, едни бели и наросив чоколадо во прав.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови