Многу успешна и превкусна кремаста торта каде како пандишпан се искористени ролатите на Винчини. Основата за трите фила е иста, а крајниот ефект фантастичен. Јас користев мини ролатчиња од Винчини по 55 грама, а може да ги употребите и големите ролати.

Подготовка

Прво растворете го желатинот и оставете го 10тина минути да се згусни.

Во меѓувреме сварете го млекото со шеќерот и ванилиниот шеќер, само нека проврие, тргнете го на страна и додадете го згуснатиот желатин и измешајте го. Оставете го да се олади и да коагулира со млекото. Треба да добиете смеса како пудинг (последна слика). Ако не ви се стврднува, додадете уште една ќесичка желатин откако ќе се олади и почекајте да се згусни.

Изматете ги шлаг пените со минерална вода и додадете ги на филот од млеко постепено со континуирано матење со миксер.

Откако ќе добиете изедначена смеса, поделете ја на 3 дела. Во едниот дел додадете ги мелените ореви, во другиот дел мелените бисквити и во третиот дел растопеното чоколадо. Убаво измешајте ги.

Во кружен длабок сад обложен со најлонска фолија, наредете парчиња од ролатот. Редете ги колку што можи позбиено. Јас искористив 5 ролати од по 55 грама, секое ролатче го делев на 4 парчиња, значи употребив 20тина парчиња.

Прво додадете го филот со ореви, па чоколадниот фил, па филот со бисквити.

Кога ќе завршите, затворете ја тортата со парчиња ролат (а и не мора). Покријте ја тортата и од долната страна со фолија и оставете ја во фрижидер убаво да се олади.

Откако ќе се олади убаво (јас ја оставив преку ноќ), превртете ја на чинија за сервирање, отстранете ја фолијата и слободно послужете ја.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови