Квасецот го раствораме со малку млако млеко, шеќер и брашно и го оставаме да стаса.

Го помешуваме со останатите состојки, освен маргаринот и сусамот, и месиме убаво додека не добиеме средно меко мазно тесто. Заради количината на квасец тестото кисне уште додека се работи затоа не го оставаме туку веднаш продолжуваме со работа.

Го делиме на десет дела. Од ској дел сечиме по 5 мали парченца. Едно по едно ги развлекуваме во тенка коричка и секоја ја мачкаме со омекнат маргарин и едно врз друго пак ги спојуваме сите пет, најгорното го ставаме со намачканата страна надолу.
Така правиме со сите 10 дела. Додека да стигнеме до десеттиот дел, првите се веќе скиснати.
Не ги премесуваме туку внимателно на работната маса ги расукуваме во кора од која сечиме по 8 триаголници кои ги виткаме во кифлички.
По желба може да се наполнат со фил. Јас ги правам празни, потоа ги служам со сирење, крем салата, сувомеснато и слично.

Завитканите кифлички ги редиме во плех намачкан со маргарин. Ги оставаме убаво да скиснат. Ги премачкуваме со јајце, наросуваме сусам и врз секоја кифличка ставаме по едно парченце маргарин во големина на лешник (види фото).

Печеме на 200 степени околу 30 минути.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови