Ова е еден ретро рецепт за кифлички цветови, кои мајка ми доста често ги подготвува. Беа дел од празничната Божиќна трпеза и се решив да ги споделам со вас.

1. Во длабок сад ставете околу 500 гр брашно. Потоа врз него изрендајте го маргаринот или иситнете го на ситни коцки, за полесно да се замеси.
2. Додадете го маслото, јогуртот, свежиот квасец, пецивото и на крај ставете го јајцето и солта и шеќерот. Сетоа тоа убаво замесете го и пополека додадете го остатокот од брашното додека да добиете глатко и мазно тесто, средно меко. Оставете го тестото да одмори на кратко.
3. За тоа време припремете ги тавите за печење и премачкајте ги со маргарин или масло.
4. Од тестото вадиме мали топчиња, со големина на орев и го роламе на работната површина - како на фотографиите. Потоа околу прстите се замотува во еден круг и вишоците од краевите се мотаат околу кругот на 2-3 пати.
За нивно виткање беше задолжена мајка ми и беа направени од нејзините вешти раце. Мене таман ми беше олеснат процесот на фотографирање, додека таа ги виткаше цветовите.
5. Се редат на тава за печење и се премачкуваат со жолчка, а во средина се става мало парченце сирење или кашкавал, се наросуваат со сусам и се оставаат на топло да одморат и нараснат, околу 15 мин,додека да се загрее рерната.
6. Се печат на 200 степени, околу 20 мин, односно додека да зауменат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови