Кисело-лути компирови лентички е името на кинескиот рецепт, меѓутоа јас си го викам помфрит. Е сега јас како неискусен сечач на компири, си ги исеков на покрупни лентички. Инаку треба да се многу тенки, да не речам како кибритчиња проѕирни.

Подготовката почнува со сечкање на компирите на лентички кои потоа се ставаат во вода да отстојат околу 15 минути. Така дел од скробот ќе излезе и нема да се лепат при пржењето. Јас додавам и лажица обичен алкохолен оцет. Во некои краеви во Кина исто додаваат.

Пиперката се сечка на тенко. Чилито се крши на неколку парчиња.
Вок тавата се загрева на најсилно. Се цедат компирите и се ставаат во врелиот зејтин.
Потоа и пиперките и чилито.
Се пржат пократко од вообичеано бидејќи се доста тенки.
При крај се става лажица кинески црн оцет од ориз или балсамико и лажица соја сос. Сол може по желба.

Мојот помфрит не беше тенок и затоа го пржев 10 мин. Инаку во Кина го пржат едвај 5 минути. Некои велат дека им е жив така помфритот, ама таков е, си треба навика.
Доста популарен е во Кина. Мене ова ми беше првпат, ќе треба да вежбам сечкање за да бидат лентичките покрцави. :)  
Јас готвам на електрична енергија, а во Кина исклучиво на плин, затоа и силината на плинот дозволува кратко пржење, а да не се живи.

Аме мене ми беа превкусни, не многу лути, таман красато киселкасти, идеално мезе за летни вечери.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани