Кога знаеш кој вкус сакаш да го добиеш и немаш рецепт, си смислуваш сам :)
Супер лесна торта, како на вкус, така и за подготовка. 

Тесто
Сувите состојки измешајте ги во сад за матање, додадете ја течноста и матете 2-3 мин убаво да се соедини.
Поделете ја смесата на три еднакви делови и печете во округлести тавчиња на 200 степени 15ина минути, зависно од рерната.

За фил:
Од течноста тргнете на страна околу 100-200мл ли во неа растворете го густинот (пудингот) мешајки го со лажица.
Во сад на оган ставете го шеќерот, мешајте постојано да не згори. Штом карамелизира додадете ја течноста (вода или млеко) и оставете да се растопи и да проврие. Додадете го растворениот густин и мешајте убаво да згусне.Тргнете на страна и оставете да се олади. Мешајте постојано за да не фати коричка.
Маргаринот изматете го пенесто и додадете го во оладениот карамел. Матете убаво да се соедини смесата. 

Филување
Филот поделете го на три дела.
На чинијата во која ќе ја чувате (сервирате) тортата ставете го првото тесто, со голема лажица натопете го тестото со млеко,ликер или растворено инстант кафе, премачкајте со првиот дел од филот, второто тесто, повторно потопете го тестото, вториот дел од филот итн. Со третиот дел до филот премачкајте ја целата торта. Оставете ја во фрижидер 4-5 часа или преку ноќ, убаво да се спои и олади.

Декорација
Декорирајте пред сервирање. Шлагот изматете го и декорирајте по желба.

Совети:
- Тестото сипете го во мерица со милилитража, а потоа сипајте го во тавчиња да се пече. Мене така најлесно ми е да ја одредам количината за едно тесто. Од овие состојки излегува околу 1,5 литар тесто.
- Печев во тавче со големина од 26 см.  Доколку имате, слободно можете да користите и тавче број 28 за тестото да биде потенко.
- Пред печење убаво протресете го тавчето да се распореди смесата подеднакво насекаде. На дополнителната фотографија ќе забележите кое тавче не било протресено,најкривото тесто е тоа :D
- Доколку имате Делимано тави за печење, нема потреба од намрсување. Доколку користите други тавчиња, користете масна хартија или премачкајте го тавчето убаво со масло и наросете брашно по целата површина. Вишокот брашно истурете го пред да го сипете тестото. Моја препорака е финтата со масло и брашно. Хартијата за печење не се распоредува убаво во тавчето, па прави нерамни рабови на тестото.
 - За побрзо да го оладите пудингот, затнете го мијалникот, ставете го садот и наполнете го со ладна вода мијалникот до висина на пудингот.  Мешајте често за побрзо да се олади. Јас ова секогаш го правам за да не губам време и побрзо да завршам.
- Испеченото тесто извадете го од тавчето со превртување на решетка или на сува чиста крпа и оставете го да се олади. Доколку немате решетка, превртувајте го почесто за да не се натопи тестото од пареата и да омекне. Треба да е убаво оладено и суво пред филување.
- На дополнителните фотографии ќе видите како Шеќерко мој ја премачкува тортата. Не можел да ме гледа како се мачам да мачкам, трапава сум била и не сум држела мистрија никогаш во рака. Тој знаел подобро :D 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани