Миризлива, сочна, не многу слатка, вистинска есенска убавица! Штрудла.
Не сум голем љубител на слатки пити - штрудли, ама никогаш нема да ве одбијам, ако ми понудите едно парче штрудла со јаболки и со ореви. Едноставно мами тој мирис на цимет, кој разнежува во темните, дождливи есенски денови. Во комбинација со добар чај и уште подобра книга, нема подобра терапија за борба против есенската депресија.

Почнуваме прво со јаболките. Се мијат, се лупат и се рендаат на покрупно ренде. Им се додава сокот од половина лимон, медот, се промешува и се остава едно 20 минути, додека јаболките да пуштат сок.
Во меѓувреме, се топи путерот и се трга на страна малку да се олади.
Во садот со јаболките, се додава цимет, мед и толчени ореви. За поинтензивен вкус, оревите претходно малку ги препеков во рерна.

Сега, се двои една кора, се попрскува со растопен путер, на едниот крај се става филот од јаболки и ореви, во должина, како колбас и кората се витка во ролат. Ова се повторува со сите кори.
Бидејќи мене тавчето ми е со помали димензии, а корите ми беа подолги, со раце, малку ги нагужвав ролатите, за да ги собере во тавчето. Сокот кој што го пуштиле јаболките и евентуалните остатоци од филот се ставаат преку штрудлите.

Тавчето се покрива со стреч фолија и се остава околу 20 минути, за да може корите да омекнат и да не бидат жилави после печењето.

Се пече во претходно загреана рерна на 200 Ц, додека не порумени. Врела се премачкува со остатокот од топениот путер и се остава да се олади.

Може да се сервира топла, во комбинација со сладолед од ванила или пак, едноставно посипана со шеќер во прав.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови