Ако сакате јаки ароми, овој леб е полн погодок за вас. Чист хедонизам, провлечен низ миризливите парчиња леб и ореви кои крцкаат под заб. Гастрономска симфонија во А - мол!

Од наведените состојки, замесете меко тесто, ставете го во сад покриен со крпа и оставете го на топло место, додека не го зголеми волуменот.

Стасаното тесто, ставете го на набрашнета површина и растенчете го со оклагија, на дебелина од околу 1/2 цм. Кога ќе го расукувате тестото, потрудете се да го формирате во облик на правоаголник, бидејќи после ќе ви биде полесно да го редите во тавчето.

Врз расуканата кора, нарендајте го путерот, иситнетото сирење, ситно сечканиот лук и толчените ореви. Сега, кората исечете ја на ленти, а лентите на коцки. Коцките редете ги една преку друга, да формирате 3-4 купчиња (ве молам да ги погледнете додатните фотографии).

Во долгнавест сад/модла, ставете хартија за печење. Сега, земете едно купче од наредени коцки и вертикално положете го во модлата. Истото направете го и со преостанатите купчиња тесто. Дури сега вклучете ја рерната да се загрее. Печете на 220 Ц, додека лебот не порумени и додека при проверка со чепкалка, истата биде сува. (претпоставувам дека сите знаете како се проверува со чепкалка, дали е тестото печено или не).

Печениот леб, премачкајте го со коцкичка путер и оставете го да се излади. Мене ми беше одличен уште топол, ама следниот ден, откога одлежа замотан во пластична кеса, беше чиста перверзија.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови