Најпрво се приготвува празот. Се сецка ситно и се пржи убаво, но не премногу за да не изгори. Се зачинува со сол, црн бибер и на врвот од лажичка црвен пипер. Кога ќе се излади се додава изварката.
Квасецот се раствора во млака вода, но не се остава да скисне туку веднаш се замесува тестото од сите состојки. Треба да биде меко и мазно.
Се остава да се одмори 15-20 минути, па се премесува повторно. Се дели на два дела, едниот поголем за долната кора другиот помал за горната кора.
Првата кора се сучи танко и се мачка со стопено сало, се предиплува како плик, се става во најлонска кеса и се остава во замрзнувач да стои додека ја сучиме втората кора.
Се става првата исучена кора во плехот од рерната претходно намачкан со масло. Се оставаат краеви за витка. Се става филот а врз него втората кора од која се прават набори-витки. Се попрскува со сало и најпосле се поросува сусам. Зелникот не треба да кисни туку веднаш се пече на 200-220 степени во зависност од рерната.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови