Класичната Еским торта во која оревите ги има и во тестото, и во филот, со класична декорација од посипани мелени ореви, по желба на малата ќерка ја преиначив и ја искомбинирав со вкусот на малина. Испадна ептен вкусна.

1. Жолчките, шеќерот и водата се матат заедно додека стане кремасто.
2. Настрана се матат белките во снег, се додаваат на матените жолчки и се мешаат со шпатула. Потоа се додава брашното во кое е измешано пецивото и заедно се просејани.
3. На крај се додаваат мелените ореви, се меша да се изедначи смесата, се истура во правоаголен плех со хартија за печење (јас печев во големата ростер тава во која ставив малку масло) и се печи во загреана рерна на 200 степени 15-20 минути.
4. Од вкупната количина млеко се одзема маку да се раствори со пудингот од малина и лажицата густин и се вари класично пудинг, се лади убаво.
5. Путерот/маргаринот се мати убаво со шеќерот во прав, се соединува со изладениот пудинг и на крај се додаваат мелените ореви и се добива конечниот крем.
6. Тестото се сече на 3 ремени и се филува со кремот од кој се остава за премачкување одозгора и од страна.
7. На крај цела торта одозгора и од страните се посипува со мелени ореви, се остава на ладно да се стегне и се ужива.

Забелешка
Во оригиналниот рецепт за Еским торта во филот се става 5 лажици густин, останатото е исто.
Ако се пече во малку поголемо плехче тестото ќе биде малку потенко и тортата-ремен ќе биде пониска од оваа.
Вкусот е целосна убавина од ореви со малина, а може да се комбинира и со други вкусови, во случај да се прави различно од оригиналот.
Најдобро е тортата да се направи на вечер, да отстои во фрижидер за де се спојат вкусовите и тестото од филот да стане ровко.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани