Тортава ја направив по повод на нашата трета годишнина во брак, сакав нешто екстра чоколадно со минимална количина на шеќер, но сочно и несекојдневно, па така се роди тортава.

- Путерот заедно со чоколадото се топи на пареа. Во сад со миксер се матат 4-те жолчки со кафеавиот шеќер до формирање на светла пена.
- Во друг сад се матат белките со солта до цврст снег. Во садот со изматените жолчки се додава истопеното чоколадо и путер, се се меша па се додаваат мелените бадеми, кафето и какаото во прав. На крај внимателно мешајќи со шпатула се додава цврстиот снег од белки.
- Смесата се истура во тавче број 23 обложено со хартија за печење.
- Се пече 20-25 минути на 180 степени.
- Во касерола се ставаат вишните и кафеавиот шеќер и се готват на умерен оган околу 5 минути, потоа се додава скробот разматен со 2 лажици вода и се готви уште 3 минути, на крај се додава ракијата и се трга од оган. Се лади.
- Слатката павлака се миксира со миксер до цврста конзистенција.
- Оладената торта се посипува со какаото во прав, се сече и сервира со преливот од вишни и лажица изматена слатка павлака.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови