Во потрага по совршен рецепт на еклери имам пробано секакви варијации и обиди. Многу пати ги имам грешено, но еве постепено, го добив тоа што јас го сакам. За мене еклерот е шупливо тесто, запечено со златно-кафена боја и со богат крем во внатрешноста, кој убаво се надополнува со совршена глазура од горе...
Најпрво, го подготвуваме филот. Дел од млекото, заедно со шеќерот и ванила аромата, ставете го на рингла. Во другото млеко, растоврете ти, прашокот за пудинг, жолчката у густинот. Откако млекото ќе зоврие, истурете го кремот, и мешајте до згуснување. Трнете го од оган и во него додајте го ситно сецкано бело чоколадо, а потоа и путерот. Путерот додавајте го постепено и мешајте во исто време, за да не ви одели мрсно од филот, туку тој да биде сјаен и кремаст. Оставете да се лади филот, а за тоа време подгответе го тестото.
Во тенџере на оган, ставете ги маслото и водата да зовријат на умерена температура. Откако ќе почне да врие, вријте околу 3 минути. Внимавајте, оваа смеса, знае да прска. Потоа тргнете од оган и додавајте го брашното. Треба да добиете мрсно тесто и мазно тесто, слична стуктура како паштета. Значи ако сметате дека ова е малку брашно, додавате уште малку. Ја оставате оваа смеса да се лади, со тоа што постепено, со дрвена лажица го мазните и мешате тестото.
Откако ќе се излади, во него прво ја додавате белката, па мешате со жица за матење или дрвена лажица. Потоа, ги додавате, едно по едно и трите јајца. Тука сфатив, дека најшупливо тесто, барем јас добив, доколку истото добро се обработи рачно, значи да не се користи миксер. Тестото треба да е лепливо, жолто и тешко. Оставете го тестото малку да се одмори, а за тоа време, подгответе го плехот и обложете го со хартија за печење. Вадете од тестото со лажица или готварски шприц. Печете ги еклерите на 190 степени, околу 25 минути, без да ја отварате рерната. Печете ги, се' додека не ја добите горе- опишаната боја.
Откако се готови, оставете ги да се изладат и пресечете ги на половина. Филувајте ги внатре, богато со кремот од ванила.
Потоа, направете ја глазурата, така што чоколадото за готвење ќе го растопите со маслото за јадење, па полејте ги еклерите.
Најдобро е еклерите да остојат еден ден во фрижидер, пред да ги послужите.
Кремот не е многу густ, но кога стои подолго време, се згуснува добро.
Јас некогаш кремот наместо со бело чоколадо, го правам со сок од лимон.
За овој фил, потребно е путерот пенасто да го изматите и во него постепено да го додавате сокот од еден лимон. Потоа, путерот го мешате со изладениот пудинг, во него рендате и малку кора од лимон.
Користете квалитетни чоколади за готвење, доколку сакате прекрасен вкус
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови