Овој рецепт ќе го ставам во категорија на идеи.
Сите имате правено домашни пици и знам дека има многу идеи.
Еве ја и мојата идеја која верувам дека на сите ќе
ви се допадне. Повкусна мека и воедно крцкава пица не сум пробала.
Мерките ќе ги пишам, не се прецизни.
Мериме со иста чаша.
Во длабок сад преку сито сеееме две чаши брашно.
Додаваме паковка пециво.
Истата чаша со која меревме брашно ја полниме со кисело млеко, па ја додаваме во смесата.
Посолуваме со мало лажиче сол.
Замесуваме меко и лепливо тесто.
Додавајте брашно онолку колку треба да се одлепи од рацете.
Ако правите во тавите за пица од Делимано, тогаш поделете го тестото на два дела. Ако правите во некои поголеми тави, на една пица.
Тавата премачкајте ја со масло.
Тестото префрлете го и тегнете го со рацете да ја раширите на цела површина.
Премачкајте ја со доматен сос.
Јас ја премачкав со домашна домата, па редев по свој вкус.
Пицата сака да се пече на висока температура. Во домашни услови тоа може да биде на 250 степени. Нека е загреана убаво па ставете ја пицата. Се пече околу 5минути.
Кога е готова оставете ја да одмори 5 минутки, па служете ја со павлака, свежа рукола или кисели пиперчиња.
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови