Ова беше мојот прв пат да направам кисело млеко. Во денешно време е тешко да се најде сурово млеко. Кога бев дете, мојата баба секогаш подготвуваше кисело млеко. Кравјо, овчо, козјо, секакво. Се сеќавам дека таа секогаш го подготвуваше во вечерните часови, ќе го покриеше со 2 ќебиња и ќе го оставеше до утрото. Правеше по 2-3 пати неделно, не се сеќавам дека некогаш купила од продавница. Со свежо полномасно млеко и малку напор, може да уживате во оваа исклучително здрава храна.

Јас го направив моето кисело млеко од сурово овчо млеко. Можете да користите било кој тип на млеко. Тоа дури и не мора да биде сурово, но суровото е најдобро.

* Маја е стартер култура.

Подготовка

Сварете го млекото.
Изладете го млекото повремено со мешање со жица за да избегнете формирање на кора, која подоцна за време на мешањето ќе се претвори во грутки. Ако се оформи кожа или кора, прецедете го пред да го правите. Млекото се лади додека не стане млако или се додека малото прсте од раката можи да издржи да седи во топлото млеко 10 сек. Не смее да биде жешко.
Киселото млеко (за маја) треба да биде ладно од фрижидерот. Земете неколку лажици од вареното млеко и измешајте ги со киселото млеко. Добро измешајте со жица.
Додадете го киселото млеко во вареното млеко. Се промешува енергично со жица додека не се изедначи. Ставете го садот покриен со капак на топло место за да отстои преку ноќ. Покријте го со ќебе.
Сабајлето, ставете го садот во фрижидер за да се олади четири до пет часа. Ладењето е многу важно, бидејќи ако не се излади, ќе се подели водата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови