Сезона е на подготовка на јуфки, па секогаш кога ќе се направат и се јадат тазе се највкусни. Сепак можат и да се исушат убаво и да се чуваат и за зимски период, како одличен оброк.
*Ако сакате да направите голема количина јуфки, дозата е - на 10 кг брашно, одговараат 60 јајца и 1 л млеко (или вода) и 20 кафени лажички сол.

Јас во овој рецепт ви кажувам за мала количина, колку за 2ца. Како што споменав јуфките најубави се кога се тазе спремени и веднаш се подготват.

Во длабо сад се става брашното и матените јајца. Се додава солта. Тестото се замесува на тврдо. Се одмара тестото 10-15 мин, зависно од температурата на просторијата.
Се дели на 4 кори и се поминува низ машинката за јуфки, на почеток на најдебело. Потоа јуфката се прекопува на пола и се поминува уште еднаш низ машинката и посторно се преклопува и се поминува. На тој начин кората се измазнува, тестото повеќе се умесува, а самата кора е многу подобра потоа за обработка.
*Ако го сукате тестото, направете сличен метод, само со оклагија.
Корите потоа поминете ги на средна дебелина, само еднаш и на крај на најтенко, само еднаш.
Оставете ги на сонце да се сушат и најубаво е ако во моментот има сув ветер, за да полесно се исушат.
*Не подготвувајте јуфки и тестенини кога надвор е облачно, тестенините ќе потемнат и од влажниот воздух нема да се исушат, што е можно и да се расипат. Подгответе ги само ако надвор е сончево и многу топло. Ова особено важи ако подготвувате голема количина!

Исушените јуфки искршете ги на парчиња, не многу ситни, ставете ги во тава за пржење и одозгора прелијте ги со масло. Во исто време ставете 300 мл вода да зоврие, заедно со прстофат сол. Јуфките постојано мешајте ги и внимавајте на поситните парчиња да не ви загорат. Кога убаво ќе поруменат скоро сите, ставете ја зовриената вода со сол врз јуфките.
***ВНИМАВАЈТЕ да не се изгорите, се создава бурна реакција на две топли маси, пополека додавајте ја водата, бидејќи веднаш почнува да врие!!!
Кога малце ќе се стабилизира водата и ќе почнат да се варат јуфките, промешувајте ги, за да горните јуфки не ви останат живи.
Парчињата сувомесно, исечкајте ги на ситни коцки и при крај на пржењето, кога веќе водата е испарена, додадете ги и пропржете ги заедно со јуфките. Нарендајте кашкавал кој се топи и повторно измешајте ги.
Поделете ги јуфките во 2 танири и одозгора изрендајте на ситно тврдо сирење, наросете со кари и оригано и јуфките се спремни за консумирање!

Пријатно јадење!

*Прилагодете си ги зачините по избор. Јас сум обожавател на оригано и кари и затоа ги комбинирам, вие ставете си по ваш вкус.
*Јас тестенини не мешам со кечап или домашна салца, но други така повеќе ги сакаат. Се е до вкусот и изборот.
*Водата обавезно да биде зовриена и да има малце сол. Така јуфките нема да бидат „Лигави“, а заради солта нема да се залепат и се далеку повкусни.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови