Прво шницлите ги истенчуваме колку може потенки да бидат. Ги премачкуваме со сенфот, ги додаваме сите зачини (зачин од сушен зеленчук, црн пипер, оригано) и ги оставаме така да одстојат во фрижидер барем 2 часа.
После тоа шницлите на кратко ги запржуваме во врело сончогледово масло и од двете страни и ги тргаме на страна. Во истото масло ги запржуваме кромидот, пиперката и морковот. Кога се пржени се додава црвен пипер. Во садот во кој ќе ги печеме шницлите, се додава запржениот зеленчук, врз него се редат шницлите, се додава 300 мл.бело вино и 300 мл. вода, се додават 4 ловорови листови, се покрива садот и се става во рерна да се динстаат околу 1 час и 20 минути на 180 до 200 степени.
Потоа се откриваат шницлите и така се остават уште 10 минути. Се вадат шницлите од садот, ловоровиот лист се трга, а течноста во која се динстаа шницлите се претура во некој помал сад и со рачен миксер се миксира за да се добие сос со кој ќе се полеват шницлите пред служење. Ние најчесто ги сакаме со пире, но и со каков било прилог се вкусни.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови