Инспирација за тортава ми е славеникот Марко, кој полни 2 годинки. Како и сите деца, така и тој си сака киндер чоколади и крем банани и тоа ми беше идеја за да ја составам тортата. А декорацијата со Енгри Брдс (Љути Пилиња) ми е од актуелниот и омилен цртан, како и игрицата.

Подготовка на фил

Се започнува со подготовка на филот, за да има време за ладење, додека се подготвува какао кората.
Млекото се загрева до вриење и се додава чоколадото во прав. Се раствара убаво и се зоврива млекото. Во сад настрана раствараме нугат пудинзи и ги додаваме во чоколадното млеко. Мешаме додека да се згусне смесата. Се остава да се олади. Го ставаме и чоколадото со млечно полнење да се стопи во топлата смеса.

Подготовка на какао кора

Јајцата се двојат на жолчки и белки. Жолчките се матат со 100 гр шеќер, а белките со 50 гр шеќер. За да убаво ви се изматат белките и да добиете цврста пена, потребно е на почеток од матењето да додадете прстофат сол. Одкако ќе се стопи шеќерот и во двата дела, матењето е завшено. Жолчките си спојуваме со белките со постојано матење.
Брашното и какаото го просејуваме низ сито, за да нема грутчиња.
Во изматените јајца се додава 1/3 од смесата со какао и брашно. Со лесни движења со шпатула, се промешува низ смесата, за да остане тестото воздушесто. Така постапката се повторува 3 пати, односно додека да се потрошат брашното и какаото.
Во правоаголно тавче за ролат, се става хартија за печење. Врз неа се прелева смесата и рамномерно се распределува.
Се пече 5-7 мин на 230 степени, во претходно загреана рерна.
Одкако ќе се испече, веднаш се одстранува хартијата и се става на навлажнета крпа, да одстои барем 15 мин.

Во длабок овален сад, се става тестото и се распределува убаво, со сечење и одстранување на делови, за да се добие овална форма. Тестото се премачкува со џем од малина.

2 дел од филот
Во сад за матење, се мати путерот и шеќерот во прав околу 5 мин, и се додава павлаката и убаво се мати.
Во убаво оладената пудинг-чоколадна смеса, се додава смесата од путер и павлака и со постојано мешање, се хомогенизираат смесите.

Крем бананите се сецкаат на еднакви делови.

Половина од филот се истура во садот, каде што ни е какао кората со џем од малини. Се реди ред од крем банани, се притискаат нежно за да налегнат во филот и потоа пополека ја додаваме другата половина од филот.
Со остатокот од какао кората се покрива горниот дел.
Се покрива со фолија и се става во замрзнувач 4-5 часа, убаво да се стегне.
Одкако ќе се олади, се превртува и се префрла на сад за послужување.

Декорација на тортата - бела чоколадна маса за моделирање

Потребно ви е околу 500-600 гр бела чоколадна маса за моделирање. 

Најмногу ни е потребна сина маса, па затоа околу 350-400 гр одвојуваме за да ја обоиме сино. Кората се расукува во тенок слој и со помош на сукало, се пренесува врз тортата. Со алатки за израмнување или со рака, пополека се мазни слојот и се обликува околу тортата.
Околу 150 гр од смесата ја боиме во жолта боја и формираме клунче за пилето, од два конуси. Бидете креативни и доловете го обликот да биде реален. Се ставаат во смесата 2 чечкалици, за да стои клунот исправен и да можеме да го ставиме на тортата.
Од белата кора расукуваме кора, не многу тенка и со округла форма сечеме голем круг, за бело стомаче. Одприлика измерете која големина би ви одговарало за тортата. Тој дел се става напред, како на сликата.
Од кората сечеме и два помали круга, кои ќе ни бидат очи. Очите ги ставаме на средина од тортата.
Земаме мал дел од белата смеса и го боиме црно. Се прават мали топчиња, за зеници во очите. Се поставуваат врз белата смеса. Ја расукуваме црната кора и правиме 2 триаголници, кои ќе ни служат за веѓи. Од остатокот од смесата роламе кора и со неа ги дообликуваме очите и делот кај стомачето. Потоа ги ставеме веѓите и веќе имаме формирано пиле.
Меѓу очите го ставеме клунчето, со помош на чечкалици, за да стои исправено и да не паѓа.
Со остатокот од сина смеса, се формираат три кикиритки за пилето, кои се ставаат на горниот дел.
На садот за послужување на тортата напишете порака или посвета. Јјас напишав МАРКО, бидејќи оваа торта е посветена за него, вие прилагодете за приликата и за детето според избор.

Се надевам дека оваа торта ќе биде инспирација за многу детски родендени!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови