Овој рецепт е на феноменалната Миња!
Се воодушевив кога го видов и си реков ова мора да се проба!
Се утепав од барање на рафаело обланди и на крај кога ги најдов, веднаш го подготвив рецептов. Многу брз рецепт, едноставен за подготовка, а е превкусен и многу декоративен. Погоден е за овој период на Велигденски пости.

1. Во кацерола ставете ги водата и шеќерот да зовријат и мешајте додека да се растопи шеќерот. Потоа додадете го и маргаринот и се заедно нека се спои.
2. Во длабок сад ставете ги сувите сосотојки, се освен какаото и убаво да се измешаат.
3. Топлата течност прелејте ја врз сувите состојки и измешајте. Поделете на два дела.
4. Вдлабнатините од рафаело обландата исполнете ги со половина од филот, ставете ги двата листа една покрај друга и убаво распределете насекаде подеднакво со еден слој фил.
5. Врз нив ставете еден лист обична обланда, со длабоките вдлабнатини свртени кон филот. Превртете ја обландата, така што сега меурчињата од рафаело обландата ви дојдат од горната страна, а обичната обланда од долната страна.
6. Во филот ставете какао и измешајте, за да добиете темен фил. Со тој фил исполнете ги меурчињата на рафаело обландата и израмнете убаво. Сето ова правете го брзо, додека филот е сеуште топол.
7. Поклопете со еден лист обична обланда, повторно да биде свртена со длабоките вдлабнатини кон филот.
8. Ставете ја обландата на рамна површина, одозгора притиснете ја со тежина од книги или сл. за да убаво се залепи и остане рамна. Нека постои така барем 1 час, додека да се излади филот.
9. Исечете ленти. така што да бидат по средината на меурчињата од рафаело обландата, за да го добиете декоративниот ефект.
Исечете ги поголеми или помали, зависно како ви се допаѓаат повеќе.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови