Кога следиш одреден вид на исхрана, ред е и да се придржуваш кон правилата на истата. А, кога си ги исцрпил идеите за ручек, тогаш имаш проблем. Не, немаш проблем, бидејќи ќе почнеш да импровизираш. Понекогаш јадењето нема да биде баш многу фино и вкусно, ама понекогаш е толку добро, што младунчево мое кое што е инаку муабетчија за време на ручек, ќутеше како риба. Додуша, неколку пати му излета „Мати драга!„, што во превод значи, дека ептен сум ја потрефила имровизацијава!

Иако, кога ќе ги погледнете потребните состојки, ќе се фатите за глава од количината на истите, верувајте ми, подготовката на ова јадење воопшто не е комплицирана.

Најпрвин почнуваме со ќофтенцата. Во сецко ситно ги сечкаме кромидот, чешнињата лук и сувото месо. Ги ставаме во пригоден сад, го додаваме меленото месо и почнуваме со додавање на зачините, сол, бибер, магдонос, буковец, ЛЦХФ брашното (за тие што не ја практикуваат оваа исхрана, слободно ставете си лебни трошки, но не додавајте овесни трици или псилиум), псилиумот, јајцето и водата. Со рака, убаво измесете ја смесата додека не стане хомогена и компактна. Вака подготвената смеса за ќофтиња, оставете ја во фрижидер најмалку 2 часа. Јас оваа смеса ја подготвив наутро и ја оставив во фрижидер до времето за подготвување на ручекот.

Од одстоената смеса, формирајте малецки ќофтенца со големина на орев и малку сплескајте ги (погледнете ги дополнителните фотографии!), па испржете ги во тавче, на масло за јадење. Пржете на умерено силен оган, кај мене 2 од вкупно 3 опции на јачина на ринглата.

Сега преминете на подготовката на карфиолот. Замрзнатиот карфиол, ставете го на загреано масло, додадете половина чаша вода и динстајте го, додека не испари водата. Додадете му сол по вкус и малку сушен лук во гранули или во прав.

Карфиолот префрлете го во подмачкано тавче, помеѓу него наредете ги ќофтенцата и прелијте со павлака за готвење. На крај нарендајте го кашкавалот и ставете да се пече во загреана рерна на 250 Ц, едно 15 минути додека кашкавалот не се растопи и не добие златна коричка.

И толку!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови