Она што се решив да го напишам овде рецептот како идеја ме натера затоа што кога ќе им кажам дека сме ручале грав со леќа некои прв пат слушаат. Па не дека некој не знае да си приготви и едното и другото, ами ова повеќе како идеја која најчесто ја користиме тогаш кога гравот кој ни останал не е доволен за едно фамилјарно вариво, па така се „обогатува“ со додавање на леќа за да го исполни капацитетот. Кој не пробал, верувајте ми дека е интересно и вкусно, особено оној кој ги сака и двете зрна како јас.

Се работи класично, но со обзир на тоа дека зрната исто не се варат, се почнува прво со варењето на гравот, така што прво се зоврива во вода која го покрива и потоа се плакни и се вари во нова (во која јас додавам малку маслиново масло).

Кога до пола ќе е варен, му се додава измиена леќата и лукот, кој можи да оди како цело чешне или за појака арома која сака да е сечкан. Се остава се убаво да се свари, па се ставаат зачините и се прави запршката. Мене овие зачини ми се одомаќинети во голем број на јадења, ориганото можи да се замени со нане, но штом е со запршка јас се држам до него, а пиментот го користам како замена на црниот бибер заради избегнувањето на иритацијата на оние кои имаат осетлив желудник.

Класична запршка – се загрева маслото во помал сад (метална мала чинија), се додава брашното и се меша додека малку не ја смени бојата, па се додава пиперот и се меша додека убаво се распореди и замириса, па веднаш се трга од оган и се истура во манџата.

На крај се додава и ловоровиот лист, се меша и покрива со капаи и се исклучува ринглада да извари уште малку со запршката.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани