Честопати приготвувам вакво гиро. Одзема малку повеќе време, но за викенд гирото е идеална комбинација за ручек.
Најпрво се зачинува месото. Се соли, се наросува со мелен црн бибер и со преостанатите зачини. Се мачка со сенфот и се реди во мало тавче. Помеѓу месото, се редат кришките кромид, пиперка, лук и праз. Се попрскува со маслиново масло и се налева со водата. Тавчето убаво се затвора со алу-фолија, па се става да се печи, во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 40тина минути.

За тоа време се приготвува сосот. Краставичките се рендаат. Во нив, се додава киселата павлака, мајонезот, киселината и маслиновото масло. Се посолува, се наросува оригано и мелен црн бибер. Сосот се остава да отстои во фрижидер.
По 40 минути, од тавата со месото, се трга фолијата, се враќа назад во рерна, за месото да фати боја. Повремено, се полива со течноста од внатре. Отворено, месото се допекува уште половина час. Откако е готово се сецка со нож или со се цепка со прстите. Вака приготвеното месо, се меша убаво со сосот од тавата, за да го прими преостанатиот сок.
Тортиљите се запекуваат кратко на тава за палачинки.
Врз секоја запечена тортиља се става по еден лист кашкавал. Врз кашкавалот се истура од месото. Врз месото се става од ѕаѕики сосот. Врз сосот, се реди сечканиот свеж зеленчук - кромид, домат, краставица и пиперка. По вкус, се додава и мајонез и кечап.
Ние гирото го јадевме во комбинација со пржен батат.
Овој пат не ми остана сенф, но кога станува збор за гиро, никогаш не заборавам, малку сенф да премачкам и на тортиљата или гиро лепчето.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови