1. За првата, кафеавата кора најнапред ги матиме пенесто жолчките со шеќерот.
2. Ги додаваме прво течните состојки, а потоа и сувите и доматуваме со миксерот да ни се соедини смесата.
3. Ја истураме во плех обложен со пек хартија и печеме околу 15 минути во загреана рерна, на 180 степени. Печената кора ја покриваме со крпа и оставаме да се излади.
4. За кората за ролат, белките (кои е препорачливо да се ладни) ги матиме во цврст снег.
5. Шеќерот го додаваме во текот на матењето.
6. Потоа додаваме брашно, пециво и мелени бадеми и промешуваме темелно со шпатула.
7. Печеме во истиот плех, на ист начин. И оваа кора треба добро да се излади, а потоа ја завиткуваме во водена крпа како ролат за да ни биде лесно ролувањето.
8. Карамелите и слатката павлака измешајте ги во тенџере и ставете ги на тивок оган да почнат да се соединуваат.
9. Пудингот растворете го во млекото.
10. Повремено промешувајте во смесата со карамелите за побрзо да се растопат во павлаката.
11. Кога сосема ќе се истопат, околу 15 минути подоцна, смесата ќе почне да врие, ќе почнат да излегуваат меурчиња, и тогаш е време да се додаде растворениот пудинг.
12. Откако ќе го додадете, брзо мешајте за да се слее во масата.
13. Малку зголемете ја темепературата на ринглата, на пример од 1 на 2, и оставете смесата да зоврие убаво и да згусне.
14. Потоа тргенете ја на страна и со повремено промешување оставете ја добро да се излади. (За тоа е потребно од прилика 4 часа).
15. Откако ќе се излади, кратко проматете со миксер.
16. Слатката павлака ја матиме со малку шеќер во прав (помага да се добие попенеста структура на шлагот, фала ѝ на Ива за триков).
17. Потоа полека, со помош на шпатула ги соединуваме кремот од карамели со изматената слатка павлака така што павлаката ја додаваме полека во кремот.
18. Темелно, но внимателно ја вмешуваме за да не остане неискористен крем на дното на садот.
19. Откако сме го приготвиле филот, следува филувањето.
20. Најнапред треба да се најде подлога за тортата, доволно долга.
21. Кафеавата кора ја сечеме на 6 еднакви дела. Сите треба да се попрскаат со малку млеко од страната на која што ќе се нанесе кремот.
22. За првиот вагон, филуваме – кора, крем, кора, крем, кроасани и пак крем. Декорираме по желба.
23. За вториот вагон филуваме – кора, крем, кора, крем, кора, крем. Пак декорираме по желба.
24. За третиот вагон филуваме – кора, крем, кроасани, крем и над кремот јас ставив мелени бисквити според мојата замисла за декорација да изгледа како песок. Опционално, може да се стави уште еден ред кроасани.
25. За локомотивата, намокрената кора најнапред се филува и се става во фрижидер за да се стегне и да може да се сече.
26. Без да сечете поделете ја на три еднакви дела.
27. Пресечете само еден дел и ставете го врз подолгиот. Зацврстете со чепкалки.
28. И неа декорирајте ја по желба. Јас изматив малку слатка павлака (околу 100 мл.), додадов 1 лажиче какао, и со таа смеса ја премачкав.
29. Потоа декорирав со турски тркалезни колачиња како тркала, со гумени бонбони, мелени бисквити како песок, крем стапчиња како дрва во товарен воз, итн.

Искрено уживав додека ја осмислував, креирав и декорирав оваа торта. Ме врати назад во детството, кога родендените се славеа со вакви раскошни торти кои се правеа еднаш годишно и се собираше целото друштво на отворено...
Оваа торта ја избрав како за роденденски, така и за мој јубилеен 200 рецепт, и би сакала да ја посветам на целиот тим МоиРецепти, вклучувајќи ги и готвачите. Баш поради тоа што е слатко комплицирана, тешка за изработка (а богами и за фотографирање хаха) ме потсетува на сите нешта кои што ги научив тука со вас, кои никако не се за потценување и ме прават да се гордеам со себе и со се што научив досега.
Сакам да се заблагодарам за дружбата, за секојдневното споделување рецепти и едноставно уживање со секој испратен и секој прелистан, нов, инвентивен, креативен, на свој начин совршен рецепт...
Всушност овој сајт кој ми е како втор дом беше и е моја инспирација и причина за да си ја сменам исхраната кон нов, подобар режим. Баш тука ги открив првите хроно рецепти (од мојата драга Ива) и тоа баш ме поттикна нешто да променам... Многу виртуелни пријателства, еден куп интересни коментари, смеа, среќа, нови кулинарски знаења, трикови, финти... како пофалби така и малку критики... едноставно топлина во секој агол... И стварно уште мнооооогу можам да пишувам и кажувам тука, возбудата е голема, можам уште многу да должам, но сепак мислам дека тортата која ви ја посветувам на сите вас ќе ви каже многу повеќе од мене... поздрав до сите, дружбата апсолутно продолжува!
Се надевам дека тортата ќе ви се допадне, јас за прв пат после 5 месеци хронерување, се почестив со едно минијатурно, маааалечко парченце (само затоа што истовремено славев и роденден) и можам да тврдам дека беше превкусна!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови