Овој рецепт е сличен како нашите за милиброд или козињак, но италијанска верзија за велигденско благо лепче. Многу е вкусно и меко како душа, за жал не успеав да направам убава слика од целосно како изгледа дека едното го подарив, а другото ми го изедоа дур да сликам. Од оваа количина излегуваат две лепчиња или венци.
Млеко и путер се ставаат на тивок оган дур се стопи путерот, се меша и се остава да се олади.
Во топлата вода се меша 1 лажица шеќер и се истура квасецот одозгора и се остава околу 5 минути да се активира.
Со миксер се соединуваат јајцата и шеќерот, се додаваат миксот од млеко и путер, надојдениот квасец, ванила и рендана кора од портокал и со миксер се соединуваат сите состојки.
Се додава 600г. брашно, се меси лепливо тесто, па се додава уште 50г. брашно и се добива многу меко, но и малку лепливо тесто.
На набрашнета поврзина се меси само неколку минути и се формира топка.
Тестото се става во намрсен голем сад, се мачка со зејтин и со проѕирна фолија се остава да надојде околу час ипол, односно да ја дуплира големината.
Откако нараснало тестото, се става на набрашнета површина и се сече на 4 еднакви дела.
Од секој дел се прави јаже околу 50см долго. Две јажиња се плетат заедно, им се спојуваат краевите и се формира круг како венец. На венецот се ставаат три велигденски јајца. Се префрла на плех обложен со хартија за печење. Се покрива и се остава околу 45 минути да се дуплира големината. Истата постапка се повторува и за другите две јажиња.
Се загрева рерната на 180 степени. Се премачкуваат венците со матено јајце и се посипуваат по желба со шарени мрвици за поинтересен изглед. Се печат половина час или додека поруменат. Се сечат откако ќе се оладат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови