Ги обожавам благите векни и штрудли со било каков фил, а овој пат еве ги во посна варијанта со фил од афион во векната и мешавина од филот од афион со домашен џем од црни сливи.

Најпрвин се подготвува филот од афион и оризовото млеко.
1. Оризовото млеко се подготвува според упатството т.е се раствораат 2 супени лажици оризово млеко во прав со 250 мл. вода. Овде јас да си скратам време и да си олеснам, подготвив оризово млеко со 500 мл. жешка вода и 4 лажици оризово млеко во прав и го сматив во чашата од нутрибулетот. Од него употребив 400 мл. во тестото, а 50 мл. ставив во другите состојки за филот од афион, го измешав и го оставив да се излади.
2. Во сад во кој ќе се меси тестото се ставаат сите состојки за тесто освен брашното, со напомена оризовото млеко да се излади и да е млако, па се меша со жица да се изедначат состојките и дури потоа постепено и по потреба се додава брашното и се замесува средно меко нелепливо тесто.
3. Тестото се меси 10-тина минути, се премачкува со малку масло, се става најлонска фолија и се остава да кисни 30 минути.
4. Потоа тестото се премесува и се дели на 2 дела. Подлогата се посипува со малку брашно, се зема првин едно тесто и со оклагија се рассукува правоаголна и колку што е можно потенка кора и на неа се распоредува 1/2 од филот со афион но не сосем до крајот за да не истече филот при виткањето.
5. Тестото се витка во ролат (види во дополнителните слики во колажот), а потоа се сече по должина. Двете добиени ленти првин за усукуваат како спирали, а потоа двете се плетат како ортома и добиената шарена векна се става во калап за леб обложен со хартија за печење.
6. Се рассукува и второто тесто на ист начин како претходното, но сега се меша вториот дел од филот од афион со 2-3 лажици џем од сливи и се распоредува на кората. Се витка во ролат и се става во калап за леб обложен со хартија за печење. Двете теста се оставаат на топло да киснат 1 час.
7. Потоа се премачкуваат со масло и одозгора се наросуваат со малку афион. Се печат во загреана рерна 10 минути на 200 степени, а потоа уште 25 минути на 180 степени. Потоа во филџан се меша 1 лажица кафеав шеќер со малку вода и со силиконско четче се премачкуваат векната и штрудлата одозгора, се враќаат во рерна уште 5 минути да се карамелизира шеќерот.
Испечени, им се отстранува хартијата и добро се ладат.

Забелешка
- Филот од афион не треба да е многу течен за да не истече при виткањето на тестото, затоа додавајте оризово млеко по потреба.
- Не мора да се користи оризово млеко, во тестото и во филот може да се стави и вода, а за мрсна верзија и кравјо млеко.
- Користев калапи за леб бидејќи ги имам, а и за да избегнам деформирање на тестото при киснење и при печење. Ако ги печете двете заедно во една тава, меѓусебно одделете ги со хартија за печење.
- Тестото е доста ровко иако е посно, парчињата убаво се сечат и не се суши и наредниот ден. Тестата не се многу благи, па може да се зголеми количината на шеќер по потреба.
- Ако некој го интересира рецептот за џем од црни сливи е ОВДЕ

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани