Во обид да започнам да готвам поздрави оброци, дојдов до идеа да го искомбинирам нашиот сакан пинџур со булгур и резултатот беше вкусно јадење кое заситува и дава енергија.
Најпрво се печат модриот патлиџан, пиперките и доматите. Јас овој пат ги ставив во рерна така сурови без да додавам сол, масло или вода. Печењето трае околу 30-40 минути на темепература од 200 степени и може да се направи неколку часа пред да се готви булугрот.
Печените зеленчуци се лупат, пиперките ги исеков на ленти, доматите ги исеков конкасе, а излупениот модар патлиџан на поголеми коцки.
На страна се зовираат 1,5 шоља вода со сол, булгурот обично се готви во сооднос 1 на спрема 2 , но бидејки зеленчуците ќе испуштат течност, доволно е и оваа количина на вода.
Во подлабока тава за пржење се загрева маслиновото масло, се додаваат ситно сечканите чешниња лук и зеленчуците за пинџур се заедно да се пропржи. Потоа се додава булгурот и се зачинува со сол и бибер. На крај се тура зовриената вода и се остава на тивок оган да се вари околку 10 минути.
Булгурот може да го сервирате и топол како прилог кон главното јадење или ладен како салата. По желба можете да додадете лимон и нарендана лимонова кора на вкус да го „живнете“ јадењето.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови